Три нови SUV модели од Great Wall/Haval

Со три модели дебитира брендот HAVAL на саемот во Софија. Кросоверите - HAVAL H1, HAVAL H2 и HAVAL H6 Coupe, ќе се произведуваат во фабриката на Литекс Моторс и ќе се продаваат на европските пазари, ова стана јасно при премиерата на автомобилите при отворањето на автомобилскиот салон Софија 2015.

HAVAL H1 се дефинира како еден од најмалите автомобили во сегментот B. Неговата должина е 3898 mm, а меѓуоскиното растојание се простира на 2460 mm. Моделот ќе се нуди со бензински атмосферски мотор со зафатнина од 1.5 литри и моќност 97 КС.


Поголемиот кросовер го носи името HAVAL H2 и е лоциран во сегмент C (должина 4335 mm, меѓуоскино растојание 2560 mm). Моделот ќе се нуди со 2WD и 4WD погон, како и со избор од рачна или автоматска трансмисија. Моторот е еден - бензинец со турбо и волумен од 1.5 литри кој генерира моќност од 150 КС.


Предводничкиот модел е претставник на сегментот D. Тој го носи името HAVAL H6 Coupe и ќе се опреми со 2.0 литарски бензински мотор. Агрегатот е со турбо и развива 197 КС, а може да биде опремен со 2WD или 4WD погон и рачен или автоматски пренос со две спојки, развиен од Getrag.


И трите модели имаат богато основна опрема, комплетен пакет на системи за безбедност и нудат значителни можности за персонализација. Брендот HAVAL во моментов освен на азискиот и јужноамериканскиот пазар, се нуди уште во Русија и Австралија. Премиерата на која присуствуваше нашата компанија во Бугарија е официјална за Европа.